Претседателот Иванов ги додели сертификатите на учесниците на Школата за млади лидери 2018

- Локални, Македонија
1013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ги додели сертификатите на учесниците на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива, по деветти пат, се одржа од 20 до 31 август во Струга.

Претседателот Иванов пред младите лидери порача дека школата има за цел да ја поттикне самодовербата кај младите луѓе, кои никој пат не треба да се откажуваат од тоа што го наумиле и никој пат не треба да се сомневаат во себе.

„Ова ви е можност да не повторувате туѓи грешки, туку да ги прескокнувате и секој пат во животот да наоѓате решенија, затоа што суштината на животот е секој пат, од секој предизвик да излегувате побогати со нови искуства, нови пријателства и нови начини на решавање на предизвиците кои постојат. Целиот ваш живот ќе биде исполнет со предизвици, со нови барања, потреби, но секој пат, за се има решение, ако постои желба да се дојде до решение“, рече претседателот Иванов.

Вкупно 40 учесници и триесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот беа дел од деветтата по ред Школа за млади лидери, лична иницијатива на претседателот Иванов.

Програмата на годинешната школата беше  фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Во изминатите девет години на школата учествуваа 360 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус и г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов, г. Бамир Топи и г. Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Strugaonline

фото: Школа за млади лидери

 

Facebook Коментари