Н.У. Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга успешно ја реализира предвидената годишна програма за 2024 година. Дел од проектите кои се одобрени во новата програма за 2025 г. се продолжение од минатата година а дел се нови.
Продолжува проектот за конзервација и реставрација на археолошкиот материјал од истражувањата на подводниот локалитет Врбник
Конзервацијата и реставрацијата на предмети од археолошката збирка на НУ Музеј Д-р Никола Незлобински е започната уште во 2015 година преку проектите од Годишната Програма на Министерството за култура. Локалитетот Врбник претставува наколна населба која се наоѓа во Охридското езеро во заливот меѓу Струга и Радожда. Се работи за исклучително богат со наоди локалитет и таму секоја година се вршат систематски подводни археолошки истражувања.
Според пронајдениот археолошки материјал хронолошки населбата егзистирала во железното време поточно VII и VI век пред н.е. Предметите биле долго време под вода па неопходно е да се преземат соодветни мерки за нивна заштита откако ќе се извадат на суво. Од металните предмети можат да се издвојат: белегзии, обетки, двојни игли, салталеони, копја, стрели, ножиња и други алатки. Предметите изработени од бронза се во подобра стабилна состојба додека железните предмети заради подложноста на корозија се во доста полоша состојба. Поголемиот број се зачувани целосно, дел се половично и дел се поткршени или им фалат некои делови. За нивно натамошно зачувување, пожелно е што побрзо да се конзервираат бидејќи металот е особено осетлив на климатските промени.
Железно копје со корозија пред конзервација
Керамиката е исто во доста незавидна состојба заради осетливоста на вода и порозноста на материјалот па многу ретко се пронаоѓаат цели или подобро зачувани керамички предмети. Најчесто се фрагментирани па се врши конзервација и спојување на фрагментите кои припаѓаат од ист сад а потоа реставрација на деловите кои недостигаат.
Активностите се одвиваат врз основа на Правилникот за конзерваторски истражувања и се организираат и реализираат како посебен проект од областа на заштитата на културното наследство. Дел од овие активности се одвиваат во НУ Музеј Д-р Никола Незлобински а дел во Завод и музеј Охрид во лабораторијата на тамошните овластени конзерватори.
Салталеони пред и по конзервација
Реализацијата на овој проект е во насока на заштита и континуирано тековно одржување на богатиот фонд на предмети на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“- Струга. Конзервацијата на овие предмети е неопходна заради нивно зачувување и понатамошно стручно обработување и презентирање. Проектот продолжува и е дел од годишната програма на институцијата во 2025 г.
Керамички садови пред и по конзервација
StrugaOnline
Facebook Коментари