Пролонгиран рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид

Собранието на Република Македонија го поддржа носењето по скратена постапка на Предлог-законот за пролонгирање на изградбата на делницата Кичево-Охрид за три и пол години.
Предлогот предвидува склучување анекс кон Договорот за изградба на делницата Кичево-Охрид со цел продолжување на рокот за изградба до 30 јуни 2021 година, а неговото донесување по скратена постапка од пратениците го побара министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. Тој рече дека се неопходни препроектирања кои ќе го зголемат обемот на работа и ќе предизвикаат финансиски импликации.
„Бараме да се склучи анекс договор според кој крајниот рок за доизградба на автопатската делница Кичево – Охрид ќе биде 30 јуни 2021 година. Потребата од продолжување на рокот се јавува поради неусогласеност на проектната документација со условите на теренот и променливата геологија која не одговара со предвидената во проектот. Потребно е препроектирање на сите усеци, на повеќе мостови, потпорни ѕидови, надпатници, подпатници, комплетна проектна документација за девет клучки, како и изработка на проектна документација за позиции кои не биле предвидени во основниот проект, а морале да се предвидат заради неопходно и правилно функционирање на автопатот“, истакна Сугаревски.
Анексот се однесува само на продолжување на рокот за изградба, а не и на дополнителните средства зашто за нив ќе се прави дополнителна проценка.
Извор: ОХРИД 24

