Промоција на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“ во Охрид

- Локални
823

Утревечер со почеток во 20:00 часот во Shilla – coffee & bar во Охрид ќе биде промовирана книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“ на авторите Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев.

„Самото издание, како што може да се претпостави и од насловот ги обработува стриповите кои се создадени од македонски стрип-автори а кои се објавени во едни од легендарните и условно кажано најпопуларни стрип-едиции во поранешна Југославија – „Лунов магнус стрип“ и „Стрип забавник“. Имено, во текот на 80-тите години на минатиот век, македонските стрип цртачи Љубомир Филиповски и Ласко Џуровски биле ангажирани од издавачот „Дневник“ од Нови Сад како стрип цртачи за изработка на неколку стрипови, и во книгата на лесно читлив и динамичен начин се опишани околностите кои довеле до создавањето на тие стрипови, процесот на изработка и соработката со сценаристот Миодраг Милановиќ, како и значењето и белегот што го имаат оставено гледано од денешна гледна точка.

За таа цел, самата книга исто така изобилува со ексклузивни изјави од значителен број на автори современици кои работеле на изданијата во истиот тој период, уредници и издавачи, како и од голем дел актуелни македонски и балкански стрип-автори кои творат и издаваат стрипови во моментов. Секако, за целата слика да биде комплетна до крај, исто така се вклучени и детални рецензии на самите стрипови, како и визуелен приказ на насловни страници, одделни кадри и цртежи.“ – информираат организаторите.

Ова издание е посветено на легендарниот македонски стрип-автор Љубомир Филиповски, кој е еден од најдобрите и најплодни стрип професионалци во целокупната македонска стрип-историја, и чии стрипови се предмет на обработка во „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‘Дневник’“. Воедно, со оглед дека е само трета книга од ваков вид и за ваква тематика во целокупната издавачка историја на македонската литература, навистина треба да претставува поттик и мотивација за збогатување на изданија посветени на деветата уметност, уметност која е можеби најмаргинализирана од историографска и теоретска гледна точка кај нас.

Strugaonline

Facebook Коментари