Лев банер Десен банер

Промовирана стрип-книгата „Бескрајниот пат“ на д-р Ѓоко Докоски во Струга

Во холот на НУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, пред бројна публика составена од стружани и туристи, беше промовирана стрип-книгата „Бескрајниот пат“ од д-р Ѓоко Докоски, во издание на Стрип центарот на Македонија – Велес. Настанот претставуваше прва промоција на ваков тип стрип-издание во Струга.

За книгата говореше уредникот на Стрип центарот, Ване Трајков, кој се осврна на значењето на делото и придонесот на авторот во македонската стрип-сцена. На промоцијата се обрати и д-р Климент Матоски, долгогодишен колега на авторот, истакнувајќи ја неговата посветеност и кон медицината и кон уметноста.

На крајот од промоцијата, пред присутните се обрати и самиот автор, д-р Ѓоко Докоски, кој раскажа дека голем дел од стриповите во книгата ги создал уште како ученик во шесто и седмо одделение. Тој истакна дека книгата содржи 48 стрипови, кои низ годините биле објавувани во тогашните весници и списанија „Наш свет“, „Котелец“ и други печатени изданија.

Д-р Ѓоко Докоски е роден во 1953 година во Струга. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде подоцна специјализирал интерна медицина. Професионалниот век го поминал како специјалист интернист, а од 2008 година до пензионирањето во 2024 година работел како специјалист гастроентеролог во сопствената приватна специјалистичка ординација во Струга.

Покрај успешната медицинска кариера, Докоски со децении ја негува својата љубов кон стрипот и сликарството, а со издавањето на „Бескрајниот пат“ неговите долгогодишни творби за првпат се обединети во едно стрип-издание, достапно за пошироката јавност.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

error: