Распишан конкурсот „Браќа Миладиновци“ 2022 година, за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на СВП

- Локални
548

Управниот одбор и Дирекцијата на Националната установа – Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ – Струга го распишаа конкурсот за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра  поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2021 година до 31 мај 2022 година.

Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик (во книжен или електронски облик). На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик.

На конкурсот пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи со согласност од авторот.

Еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови.

Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик.

Избори или книги во кои има препечатени делови од други книги нема да бидат земени предвид.

На конкурсот можат да бидат пријавени само дела од еден автор. Коавторски дела се неприфатливи. Книгите мора да имаат ISBN број.

Книги од членови на УО на НУМ СВП, директорот на НУМ СВП, вработените или на членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.

Со учеството на конкурсот се смета дека учесниците на конкурсот се запознаени и ги прифаќаат одредбите на Договорот за доделување на наградата Браќа Миладиновци.

Услов за добивање на наградата е потпишување на Договорот за доделување на наградата Браќа Миладиновци од страна на добитникот.

Содржината на Договорот е објавена на веб страната на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Договор за наградата Браќа Миладиновци

Конкурсот ќе трае од денот на објавувањето до 25 јуни 2022 година.

Авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат 6 (шест) примероци од книгата на следната адреса: НУ Манифестација„Струшки вечери на поезијата“ Поштенски фах 111   „Браќа Миладиновци“ бр.5 6330 Струга Република Северна Македонија

Препорака: Доколку се работи за печатени публикации, покрај доставените 6 примероци од книгите, авторите или издавачите препорачливо е да ги достават и во електронска форма (во .pdf формат) на следната адреса: [email protected]. Недоставувањето на книгите во  електронски pdf формат не ги исклучува авторите или издавачите од учеството на конкурсот.

Kнигите  не се враќаат.

Пријавените книги ќе ги оценува жири-комисија од пет члена, а објавувањето на резултатите ќе биде согласно Правилникот за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и Одлуката за измена на Правилникот за наградата Браќа Миладиновци кои се објавени на веб страната на установата.

Паричниот износ на наградата ќе биде дополнително определен.

Извор: СВП

фото: архива

 

Facebook Коментари