Се реновира зградата на ТППЕ-Струга, поставени се и сензори за рано детектирање пожари

- Локални
729

Замена на старите кревети со нови, поставување на нови шкафови , поставување топлотна пумпа за греење и клима уреди, се само дел од активностите што периодов се реализираат во процесот на целосно внатрешно и надворешно реновинарање на зградата на Територијалната противпожарна единица-Струга.

Како што информира  раководителот на одделението за Меѓународни фондови при Општина Струга, Албрим Положани, реновирањето се реализира во рамки на IPA CBC проектот Албанија – Северна Македонија во партнерство со општина Либражд од Албанија и Дирекцијата за заштита и спасување-Скопје. Во рамки на истиот проект, претходно биле поставени сензори и камери за рано детектирање пожари.

,,Станува збор за обемен проект во повеќе етапи. Главната активност беше поставување на сензори и камери за рано детектирање на пожари. Истите се поставени во село Богојци (на планината Јабланица), тоа е многу важно затоа што раното детектирање пожари е клучно за навремена интервенција. – изјави Положани за Strugaonline.

Тој додаде дека сензори и камери се поставени и на зградата на ТППЕ Струга со што, како што вели, е опфатен обемен простор.

Што се однесува до инфраструктурниот дел на зградата, реновирана е фасадата, а за да се постигне енергетска ефикасност, ќе се поставуваат и фотоволтаични панели.

-Во рамки на вториот дел од проектот, аплициравме за теренски возила со кои струшките пожарникари лесно би стигнале на помалку достапен опожарен терен-додаде Положани.

Целосниот проект со кофинансирање од Општина Струга, чини 960 000 евра.

Strugaonline

 

Facebook Коментари