Се санира дотраениот дел од западната страна на кејот на реката Црн Дрим
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денеска изврши увид во градежните работи за итна санација на дотраениот дел од западната страна на кејот на реката Црн Дрим. Интервенцијата следува по подолг период без соодветно одржување и инфраструктурни инвестиции, што резултираше со сè почести проблеми на терен.
Како што беше посочено, движењето на тешка механизација по шеталиштето предизвикало сериозни оштетувања на плочките и на другите материјали, но и на водоводната инфраструктура под површината. По претставки од граѓаните, општината презеде итни мерки за санација на искршените плочки, при што работните екипи открија и оштетени водоводни цевки.
Градоначалникот нагласи дека воспоставувањето ред и заштитата на јавниот простор и градската инфраструктура се приоритет за локалната самоуправа. „Мораме и ќе воспоставиме ред во градот. Треба да го заштитиме јавниот простор, градската инфраструктура и секој нејзин ресурс“, истакна Ќура.
Од Општина Струга упатија благодарност до работните екипи за брзата реакција, како и до ЈП „Проаква“ кое, како што беше наведено, во рекордно време го детектирало проблемот. Посебна благодарност беше изразена и до граѓаните кои секојдневно ги информираат надлежните за вакви проблеми.
„Нема мали и големи работи. Секоја активност што го олеснува животот и го подобрува животниот стандард на граѓаните е чекор во вистинска насока за нашиот град“, порачаа од општината.
StrugaOnline

