Неколку револтирани родители чии деца за време на работното време престојуваат во детската градника „Преперутка“ се обратија во нашата редакција со реакции дека безбедноста на нивните деца е загрозена во просториите на градинката. Имено, во „Пеперутка“ моментално се во тек градежни работи (менување на дограма и прозорци). Најпрво родителите биле известени мината недела во четврток и петок да не ги носат своите деца во градинката поради тоа што нема услови за работа. Од вработените во градинката им било ветено дека до денеска (15.10.2018) градежните работи ќе бидат завршени и децата ќе се вратат во градинката на редовна настава.
Денеска родителите биле сведоци дека дограмата била оставена во занималните, а родителите оставајќи ги своите деца ги прашале вработените дали некој може да гарантира за безбедноста. Исто така, 140 деца биле сместени во три занимални, а родителите подоцна добиле смс-пораки дека мора да дојдат да си ги земат децата поради немање услови за настава. Дел од родителите се жалат дека денеска ненадејно морале да ги напуштат своите работни места, при што можат да имаат проблем со нивните работодавачи, а од градинката не биле информирани на време дека и денеска ќе нема услови за работа.
Редакцијата на Strugaonline и Play radio ја контактираше директорката на градинката „Пеперутка“, Ариета Положани која беше достапна за нас и желна да ја објасни ситуацијата.
Положани истакна дека според информациите кои ги има, Општина Струга за реконструкција на градинката има законски рок од 70 дена и истиот не е надминат, бидејќи како што вели, реализацијата на проектот за реконструкција започнал во септември. Директорката потенцираше дека условите не се совршени, но нема да се стави клуч на „Пеперутка“, а родителите сами ќе одлучат дали ќе ги носат своите деца додека трае истата.
Побаравме објаснување за обвинувањата на родителите дека нивните деца не се безбедни бидејќи дограмата била оставена во една од занималните, на ова Положани одговори дека во занималните на неколку минути била оставена новата дограма пред да се започне со нејзино монтирање и истата сега е одстранета од просториите каде што престојуваат децата. Директорката уверува дека воспитувачките се подготвени да ги чуваат децата и во вакви услови.
Инаку, според информациите на Strugaonline, реконструкцијата во внатрешниот дел од „Пеперутка“, ќе трае уште оваа недела, а кога ќе се работи од надвор, условите ќе бидат подобри.
Strugaonline
Фото: архива
Facebook Коментари