ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид и годинава се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на хипертензијата, како една од активностите со кои придонесува во превенција на кардиоваскуларните заболувања.
Денеска, во периодот од 12:00 до 15:00 часот на два означени пунктови поставени по кејот на Охридското Езеро ќе се мери крвен притисок и ќе се делат совети и информативни материјали.
– Годинава го потенцираме значењето на физичката активност во превенцијата од кардиоваскуларен настан и мозочен удар, со потикнување на граѓаните на физичка активност и придржување кон препораките за превенција или терапијата доколку се веќе дијагностицирани, велат од болницата и додаваат дека ќе бидат вклучени и нивни пациенти кои се на стационарна кардиорехабилитација. Настанот го организираат заедно со Крка Фарма ДООЕЛ Скопје.
Хипертензијата (покачен крвен притисок) согласно податоците на Светската здравствена организација, е одговорна за 7.6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво (13.5% од вкупниот број смртни случаи), повеќе од било кој друг ризик фактор. Околу 54% мозочни удари и 47% од коронарната артериска болест се предизвикани од покачен крвен притисок.
Strugaonline
фото: архива
Facebook Коментари