Лев банер Десен банер

Социјален дијалог за унапредување на дуалното образование одржан во Струга

Во Салата на Советот на Општина Струга денеска се одржа Социјален дијалог посветен на образованието и значењето на дуалното образование во Средното стручно општинско училиште „Нико Нестор“ – Струга. Настанот имаше за цел да ги отвори клучните прашања поврзани со соработката помеѓу образовните институции и бизнис-секторот и да понуди решенија за поефикасна подготовка на младите за пазарот на трудот.

На дијалогот присуствуваа шефот на кабинетот Шефкије Аласан Дика, директорката на СОСУ „Нико Нестор“ – Струга, Кристина Голабоска, помошник-директорот Неки Лумани, координаторите на дуалното образование, наставниот кадар, како и претставници од бизнис-секторот и Општина Струга.

За време на дискусијата беше посочено дека, и покрај бројните можности што ги нуди дуалното образование, меѓу кои и потенцијалното вработување по завршувањето на школувањето, постојат одредени предизвици во неговата имплементација. Работодавачите како еден од главните проблеми го истакнаа недостатокот на интерес, работни навики и дисциплина кај дел од учениците.

Воедно, беа предложени и конкретни мерки за надминување на овие предизвици, со фокус на зголемување на одговорноста кај учениците, унапредување на соработката со компаниите и зајакнување на улогата на дуалното образование како клучен модел за стручно оспособување.

Од Општина Струга истакнаа дека остануваат посветени на поддршката на стручното образование и на градењето силни партнерства помеѓу образованието и бизнис-секторот, со цел создавање квалификуван кадар и одржлив локален економски развој.

StrugaOnline

error: