Лев банер Десен банер

Советот на родители: Во ООУ „Браќа Миладиновци“ има греење, безбедноста и образованието се приоритет

Во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска се одржа вонреден состанок свикан од директорката на училиштето, г-ѓа Рудина Крека Купа, на кој присуствуваа претставници на родителите. Состанокот беше посветен на разгледување на повеќе прашања од значење за нормалното функционирање на училиштето и благосостојбата на учениците.

Како што информира Претседателот на Советот на родители, Фатон Незири, на средбата се водела отворена и транспарентна дискусија за состојбата со греењето, превозот на учениците, безбедноста во училиштето, како и зачувувањето на воспитно-образовниот карактер на наставниот процес.

Во однос на греењето, директорката појаснила дека училиштето располага со доволни количини на нафта и дека снабдувањето ќе биде обезбедено до крајот на зимската сезона. Притоа, било нагласено дека до овој момент во кабинетот на директорката не е пристигната ниту една официјална претставка поврзана со недостаток на греење.

Што се однесува до превозот на учениците, било истакнато дека проблемот е во завршна фаза на решавање. По значителен наследен долг, со поддршка од Градоначалникот на Општина Струга, во изминатите два месеца е постигнато намалување на долгот и се работи на целосна стабилизација на ученичкиот превоз.

Со цел унапредување на безбедноста, на состанокот е донесена одлука вратите на училиштето да бидат затворени по започнувањето на наставните часови, согласно внатрешните правила, при што безбедноста на децата е поставена како апсолутен приоритет.

Директорката упатила и апел училиштето да не се политизира, нагласувајќи дека учениците треба да бидат фокусирани исклучиво на воспитно-образовниот процес, без вклучување во политички прашања кои можат негативно да влијаат врз наставата.

На состанокот била потенцирана континуираната соработка меѓу Општината и раководството на училиштето, како и целосната транспарентност во носењето одлуки во интерес на учениците. Како позитивен сигнал била истакната и подготвеноста на директорката за лични средби и постојана комуникација со претставниците на родителите.

На крајот, Претседателот на Советот на родители, Фатон Незири, јавно демантираше информации кои кружат во јавноста за наводен недостаток на греење во училиштето, посочувајќи дека Советот на родители не добил никаква официјална претставка или информација што би ги потврдила ваквите тврдења, ниту пак бил извор на тие информации.

„Нашата заедничка цел останува безбедноста, благосостојбата и квалитетното образование на нашите ученици“, се наведува во соопштението од Советот на родители при ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга.

StrugaOnline

error: