Средба со поетесата Маја Мојсова утре во Охрид

- Локални
1016

Во културно информативниот центар „Култура 365“ во Охрид ќе се одржи средба со поетесата Маја Мојсова, по повод објавувањето на нејзините две најнови книги: „Внесување (Ако љубов не нѐ скроти)“ и „Далечина“.


Настанот ќе се одржи в петок, 19 април, со почеток во 19. 00 часот. Посетителите ќе имаат можност активно да учествуваат во програмата според концептот на авторката за претставување на нејзината поезија.
Збирката поезија „Внесување (Ако Љубов не нѐ скроти)“ беше електронски издадена во 2016 година од Фондација Македоника, а неодамна излезе и во печатено издание. Симболиката која ја прикажува авторката во оваа книга е во субјективното убедување за влијанието кое го имаат броевите во животните цели и насоки, како и фактот дека сѐ на светот и универзумот е сочинето од своето егзистирање и својата спротивност. Додека поетската збирка „Далечина“ содржи досега необјавени песни на авторката.
Авторката Маја Мојсова пишува проза и поезија. Претходно ги има објавено книгите: „Кохезија, колизија на човековата визија“ (2012, поезија на македонски и англиски јазик), заедничка книга од четири автори „Зен Верс“ (2014), „Потоци. Стапки“ (кратки-кратки раскази, 2015), „Се смееме низ разговорите на ѕвездите“ (раскази, 2017). Добитник е на неколку книжевни награди. Дел од нејзиното творештво е објавувано во зборници и литературни списанија.

Strugaonline

Facebook Коментари