Струга дел од регионалниот систем за управување со отпад: Ќура на првата седница на МОУО во Битола
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, учествуваше на првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која се одржа во Битола, со што официјално започна оперативната фаза на регионалниот систем за управување со отпад.
На состанокот учествуваа претставници на 18 општини од двата региона, како и надлежни институции и меѓународни партнери, кои заеднички ќе работат на воспоставување современ и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво.
Во рамки на седницата беа разгледани клучните активности што следуваат во наредниот период, со посебен фокус на изградбата на претоварни станици, набавката на специјализирани возила и опрема, изработката на нов Регионален план за управување со отпад, формирањето регионално комунално претпријатие, како и унапредувањето на комуникацијата со граѓаните и системите за управување со податоци.
Од Општина Струга истакнуваат дека активното учество во овој регионален пристап е од клучно значење за подобрување на услугите кон граѓаните и зајакнување на заштитата на животната средина. Општината останува целосно посветена на соработка со сите засегнати страни, со цел создавање ефикасен, модерен и долгорочно одржлив систем за управување со отпад.
Работата на Меѓуопштинскиот одбор е поддржана преку проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, кој е финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International.
Со овој чекор, општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион прават значаен исчекор кон почиста, поодговорна и еколошки одржлива иднина.
StrugaOnline

