Стружанецот Христо Дејкоски избран во светски реномираниот оркестар при Interlochen Center for the Arts во САД
Ученикот од Државното музичко училиште во Струга, Христо Дејкоски, ќе настапува како член на еден од најреномираните светски младински симфониски оркестри при Interlochen Center for the Arts во Интерлокен, Мичиген, Соединети Американски Држави.
По исклучително строгата селекција на светско ниво, Христо е избран меѓу најталентираните млади музичари од целиот свет, а воедно е награден и со стипендија – признание за неговиот несомнен талент, посветен труд и уметничка зрелост. Овој успех претставува огромно достигнување, како за него лично, така и за македонската музичка сцена.
Значаен удел во овој успех има и неговиот професор, Тони Арслан, чија професионална и посветена работа со години создава млади уметници подготвени за највисоките меѓународни предизвици. Резултатите од неговата педагошка работа одекнуваат и надвор од границите на државата.
Благодарност е упатена и до професорката Емилија Маринова за нејзината пијано поддршка во процесот на подготовка и селекција, со што придонесе за сигурната и успешна презентација на Христо.
Со овој значаен успех, Христо Дејкоски и професорот Арслан го поставија Државното музичко училиште во Струга на мапата на светските репрезентативни музички образовни центри.
StrugaOnline

