Стружанката Габриела Пинто математичар во еден од десетте најдобри универзитети во светот

- Локални
2318

Професионалната приказна  на професорката по математика, м-р Габриела Лабоска Пинто, е вистински пример и мотивација за талентираните математичари од земјава.

Нејзиниот успех и остварување на сонот е всушност доказ дека талентот, посветеноста и трудот секогаш го наоѓаат својот пат и вродуваат со плод.

Оваа млада професорка , после извршените тестирања доби целосна стипендија за докторски студии на Универзитетот во Чикаго ( University of Chicago)  кој е рангиран меѓу десетте најдобри универзитети во светот.

Во голема конкуренција , професорката Пинто влезе во листата од дваесет и шест најдобри математичари во светот, а нејзиното надоградување ќе продолжи на универзитетот кој има добиено 97 Нобелови награди за истражувачка дејност.

„Аплицирав на повеќе светски универзитети, а првиот одговор го добив од University of Chicago, со оглед на тоа дека мојата најголема желба беше токму на тој универзитет да ги изучувам докторските студии, веднаш ја прифатив понудата. Чест ми е што ќе бидам дел од таа престижна институција. Тоа ќе биде драгоцено искуство, ќе бидам опкружена со луѓе кои се светски признати во своите области, соработката со нив ќе ми помогне многу во личниот развој како математичар. “- изјави Габриела Лабоска Пинто за Strugaonline и Play radio.

Љубовта кон математиката за Габриела е култура на живеење,  практичното остварување на нејзините квалитети во оваа област започнува уште од најрана возраст. Има многу први места на локални, државни и меѓународни натпревари по математика. Потоа, сосема заслужено  малите чекори, стануваат големи. Дипломира и магистрира со највисоки оценки на Природно-математичкиот факултет во Скопје, за сега да тргне кон остварување на големиот сон на светско ниво.

Strugaonline

И.М

 

 

Facebook Коментари