Во свечена атмосфера која предизвикува многу емоции и годинава се одржа Ѓурѓовденската Литија во Струга. Илјадници граѓани од Струга, но и од други градови од земјава присуствуваа на Свечена литија со моштите на св. Георгиј Победоносец која започна по завршувањето на вечерната богослужба во соборниот храм Св. Георгиј.
Литијата беше предводена од митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, свештенството при црквата „Св. Велокомаченик Георгиј Победоносец“, монашкото братство од Бигорскиот манастир „Свети Јован Кртител“ и сестринството од манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Рајчица.
Како предводник на Литијата продефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја.
Коњаникот, кој во раката држеше палмова гранка како символ на мирот, имаше улога на посебен редар и најавувач на процесијата. Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што беа носени од страна на видни струшки граѓани, беа придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител.
Поминувајќи ја одредената рута низ градот предводниците на Литијата во Струшката чаршија ги поздравија граѓаните кои учествуваа во неа со „Христос Воскресе“, а од колоната илјадници гласови возвратија со „Навистина Воскресе“.
За празничната атмосфера која ја доловува симболиката на празникот, голем придонес имаше и оркестарот на град Скопје со соодветна музика.
Традиционалната Струшка литија е дел од културното наследство на Република Македонија и денешната атмосфера покажа дека станува збор за настан кој се очекува со посебна љубов и радост.
Извор: StrugaOnline
Facebook Коментари