Со концертот на женскиот хор „Фрида“ од Република Македонија – Скопје, што се одржа на 6 јули 2025 година свечено почна овогодишната манифестација „Вевчанско културно лето – ВЕВКУЛ 2025“. Со ова почна и одбележувањето на двегодишнината од постоењето и активностите на овој женски хор во нашата држава. Хорот „Фрида“ во кого членуваат над 70 пејачки, следниот свој настап ќе го имаат на овогодишната манифестација „Скопско културно лето“. Организатор и диригент е истакнатата македонска ТВ водителка Сузана Турунџиева.
Хористките од „Фрида“ од Македонија при престојот во Вевчани, ја посетија куќата на Китановци, која годинава бележи 120 години од изградбата и истата е прогласена за македонско недвижно културно наследство. Домаќинот Мишо Китаноски, истакнат хроничар и новинар гостите ги запозна со вредностите на објектот и сочуваните артифахти што ја красат куќата. При посетата на куќата на Китановци гостите добија подарок што го симболизира овој значаен неимарски градителски објект познат во Охридско-Струшкиот регион. Тој потоа како водич ги прошета хориските низ населбата при што ги посетија црквата Св. Никола и познатите Вевчански извори.
Манифестацијата ВЕВКУЛ 2025 година се одржува во два дела: Во првиот дел беа остварени две програмски активности, и тоа: се одржа промоција на книгата со песни „Вевчани во срце те носам“ од Отец Зоран Попоски, кој живее во Мичиген, САД, како и акцијата со која на библиотеката во Вевчани и беа подарени околу 300 книги од семејството на универзитетската професорка Ленка Попоска- Гогоска.
Во јули и август, во вториот дел од програмата на „ВЕВКУЛ 2025“ ќе бидат одржани четири промоции на ново излезени книги од вевчански и македонски писатели и публицисти. Во оваа прилика ќе бидат промовирани следните изданија: Монографијата „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“ од истакнатиот македонски новинар и публицист Ненад Баткоски, потоа петтиот роман „Калуѓерки“ од истакнатиот писател Димче Парталоски, како и научниот труд „Народниот музички инструмент – дудуче во наставата по музичко образование во основните училишта“ од м-р. Марјан Јанкоски, професор на музичката академија членка на Универзутетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Исто така ќе биде отворена ликовна изложба на сликарката Јованка Миса од Струга, како и „Везени икони“ од Отец Ристе Наумоски, истакнат хроничар и автор на книги посветени на Светилиштата во Дримкол.
За посебно одбележување е одржувањето на трибината со наслов „QVO VDDIS Makedonijo – што пропуштивме и што остварифме од 1990 до 2025 година“. На трибината се поканети да настапат со свои реферати 30 истакнати академици, универзитетски професори, дипломати, публицисти, новинари и колумнисти чии реферати потоа ќе бидат објавени во посебен зборник.
Иако манифестацијата „Вевчанско културно лето – ВЕВКУЛ 2025“ никој не е финасира сепак се вложуваат напори за обезбедување финасиски средства од донации за одржувањето на трибината на која ќе се расправа за толку актуелни теми присутни во Република Македонија. Рефератите, дискусиите по нив ќе бидат објавени исто така во зборникот.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ
StrugaOnline
Facebook Коментари