Лев банер Десен банер

Свeти Тројца Светители: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст

На 12-ти февруари според новиот, односно на 30-ти јануари според стариот календар, се празнува празникот на тројцата светители: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст.

Овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем.

Едни го воздигнуваа Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по Свети Јован со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити.

По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“.

Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.

Извор: mpc.org.mk , фото: архива

StrugaOnline

error: