Традиционално и годинава Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец ќе ја осветат Струга

- Локални
1891

Традиционално и оваа година на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка Еордија (Литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец”, неговата чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Богородица.

На раскошно украсени епитафи, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, ќе тргнат од храмот посветен на светителот ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и ќе го осветат градот.

Сестра Ефимија, од женскиот манастир во Рајчица, вели новина годинава е вклучувањето на иконата на Мајката Божја „Гликофилуса“, идентична реплика на првообразната Гликофилуса (Слаткољубива, или умиление) од Света Гора, која неодамна беше донесена во Бигорскиот манастир од Солун. На литијата најавено е и присуство на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.

Според традицијата и годинава поворката ќе ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, епископот Антаниски г. Партениј, а годинава, најавено е присуството и на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.

Моштите и овој пат ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”.

StrugaOnline

Facebook Коментари