Група ученици од средното музичко училиште „Тодор Скаловски“ од Струга учествуваа на меѓународниот музички натпревар по теорија на музика „Михајло Николоски“ во Битола, а во Струга се вратија со многу награди кои сами по себе зборуваат за нивниот труд и напорна работа. Околу наградите како и сите активности и начинот на работа на музичкото училиште „Тодор Скалоски“ од Струга разговаравме со наградените ученици и нивните професори. Искуствата со нас ги споделија: Игор Климоски добитник на специјалната награда по Теорија на музика, Бојан Митрески, добитник на специјалната награда по Хармонија на музика како и Билјана Николоска – професор по Хармонија и други стручни предмети, и Марија Савеска професор по македонски јазик и класен раководител на неколку наградени ученици.
Strugaonline: Со оглед на тоа дека освен класичното рангирање на постигнатите резултати од прво место па натаму, на овој меѓународен натпревар во Битола се доделуваа и специјални награди кои токму вие ги освоивте, да објасниме што подразбира специјалната награда?
Бојан Митрески: Специјалната награда на ваквите натпревари претставува највисоката награда која може да се добие, односно кога учесникот на натпреварот има сто поени без ниту една грешка.
Strugaonline: Со изборот на средно музичко училиште сосема е јасно дека си одлучил да се занимаваш со музика професионално и тоа да биде твојата идна професија, да позборуваме малку за твојата музичка приказна, како започна и кога стана видлив твојот талент и секако љубовта кон музиката?
Бојан Митрески: Започнав уште во четврто одделение сам да свирам гитара. Кога завршив основно училиште одлучив да влезам во една нова средина, а тоа беше музичкото училиште. Тоа за мене беше сосема нова средина и голем предизвик. Кога се запишав бев сосема музички неписмен. Со труд и со напорна работа уште во втората година од моето средно образование успеав да добијам први награди по хармонија и на државни и на меѓународни натпревари. Награди имав и во трета година, оваа четврта година ми ја донесе специјалната награда која е повод за овој разговор. Се надевам дека не е последен успех.
Strugaonline: Како течеше процесот за подготовка за овој натпревар, колку време беше потребна и каква е соработката на ниво професор – ученик во вашето училиште?
Игор Климоски: Се подготвувавме после второто полугодие, откако се запознавме со сите потребни материјали. Стигнавме до одредено ниво на знаења, со оглед на тоа дека некои од учениците се без предзнаења, а некои од нас се со нижо музичко училиште. Кога сите стигнавме до потребното ниво професорот не информираше за натпреварот. Се подготвувавме напорно, посветено и одговорно. Горд сум на себе за постигнатиот резултат но и благодарен на мојот професор Гоце Стојаноски кој ми ја пружи можноста да учествувам.
Strugaonline: На натпреварот имавте можност да запознаете ученици од други музички средни училишта од земјава, каква беше конкуренцијата?
Игор Климоски: Имавме можност да запознаеме ученици од музичките училишта од Битола, Штип, Скопје и други градови. Но сепак, од сите нив успеавме да се издвоиме, а за тоа зборува и нашиот резултат. Повеќето најзначајни први и специјални награди ги освоивме токму ние.
Strugaonline: Со оглед на тоа дека предавате хармонија (стручен предмет) имате одлична слика за тоа колкав е музичкиот талент но и трудот на Вашите ученици, ако генерализираме може ли да се каже дека Струга е музички град полн со таленти?
Билјана Николоска: Апсолутно. Освен од Струга имаме и ученици од Охрид, Кичево и Дебар.Може слободно да се каже дека овој регион е ризница на таленти, но талентот не е пресуден за успехот на учениците. Без напорна работа не можат да се постигнат високи резултати, сведоци сме на ученици кои што не се многу талентирани но се посветени и постигнуваат високи резултати. Од друга страна, има и ученици кои се доста талентирани но имаат послаби резултати затоа што помалку работат. Координацијата на работата и талентот е добитна комбинација.
Strugaonline: Вие имате целосна слика за афинитетите на секој ученик посебно. Кога се ближат кон крајот на средното образование, си дозволувате ли да им сугерирате кој смер да го изберат на факултет или оставате сами да одлучат? Тоа е важно бидејќи сугестијата од професор има големо влијание.
Билјана Николоска: Предавам повеќе стручни предмети, имам јасна слика за нивните афинитети, посебно за учениците од четврта година но не си дозволувам да им сугерирам. Тука сум само да им помогнам за сите предмети, но за тоа со што ќе се занимаваат понатаму оставам сами да изберат.
Strugaonline: Кои беа вашите очекувања за учениците додека се поготвувавте за натпреварот? Очекувавте ли толку високи резултати?
Билјана Николоска: Искрено да, овој натпревар се одржува петта година по ред, а имаме учествувано и на други натпревари. Секоја година имаме високи резултати, сосема е извесно дека нашето напорно подготвување ќе ни донесе награди.
Strugaonline:Марија, вие сте класен раководител, кои се методите со кои успеавте да ги тргнете учениците од социјални мрежи и сите нездрави навики на модерното живеење и да направите да се посветат на она што е навистина важно?
Марија Савеска: Наставата во нашето училиште е специфична само по себе. Учениците во една смена посетуваат групна настава, потоа продолжуваат на индивидуална. Така што се многу зафатени, потоа се подготвуваат за утрешниот ден, вежбаат на инструментот кој го одбрале и целото време им е креативно и корисно пополнето. На тој начин се градат конструктивните навики.
Strugaonline: Да позборуваме за историјатот на СМУ „Тодор Скаловски“, за начинот на работа но и за сите идни активности кои ги планирате?
Марија Савеска: Училиштето е отворено во 2006 година како дисперзирани паралелки на СМУ ,,Тодор Скаловски“ – Теотоец од Тетово. Функционираме веќе 11 години. Секоја година организираме годишни концерти кои се одржуваат во мај или јуни, на крајот од наставната година. Годинешниот концерт ќе се одржи на 25 мај во 19 часот во Домот на културата во Струга. Тоа ќе биде јубилеен концерт во кој ќе настапуваат најдобрите ученици од инструменталниот оддел.
Извор: StrugaOnline
Facebook Коментари