На седницата на Советот на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби- 2017“, во организација на Културниот центар „БРАН“ и меѓународната Ревија за книженост „Бранувања“, што ќе се одржи по седми пат во Струга, Охрид и Вевчани (6-8 јули), беше усвоена овогодишната програма и потврдено учеството на поканетите писатели од Македонија, Албанија, Србија, Германија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Русија…
Покрај доделувањето на меѓнародните награди „Книжевна далга“ која годинава му припадна на академик Ристо Василевски (Србија) и „Струшко слово“ на Мујо Бучпапај (Албанија), Жарко Милениќ (БиХ) и Панде Манојлов (Македонија), ќе бидат доделени и наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“.
Исто така, на манифестацијата ќе бидат одржани и придружните активности „Поетски хепенинг“ на Вевчанските извори со учество на околу 40 поети, каде посебно ќе биде претставена Современата поезија на Србија со поетите Александар Чотриќ, Славица Пензаловиќ – Мастикоса, Ружа Мијовиќ Сориќ, Биљана Миловановиќ Живак, Новица Сврљиќ и Ристо Василевски, како и „Поетско матине“ во Струга, каде ќе биде доделена и наградата „Книжевни бранови“, за најдобра прочитана песна.
Во спомен на поетесата Светлана Христова Јоциќ ќе се одржи бдеење, и беседа за македонската поетеса Костадинка Коца Ѓорѓевска која живее и твори во Менхебгладбах – Германија.
Во деновите на манифестацијата, ќе биде направено претставување на српскиот поет и сатиричар Александар Чотриќ, како и промоции на книги и списанија.
Струшките книжевни средби свечено ќе бидат отворени во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, за што пригодна реч ќе има градоначалникот на Општина Струга г-дин Мустафа Забзун кој во својот кабинет ќе ги прими наградените автори.
Извор: Strugaonline
Facebook Коментари