Утре Антонио Пандовски и Нела Стојанова ќе трчаат од Струга до Свети Наум и назад
Утре, 19 јули, Струга ќе биде сведок на едно исклучително хумано и инспиративно спортско случување. Антонио Пандовски и Нела Стојанова ќе реализираат предизвик посветен на младиот Роман, испраќајќи силна порака за истрајност, надеж и човечност.
Антонио Пандовски ќе истрча исклучително тешка траса која започнува од Струга, продолжува преку Охрид до Свети Наум, а потоа повторно се враќа преку Охрид до Струга. Станува збор за подвиг кој бара голема физичка подготвеност, издржливост и ментална сила.
Во делови од трасата ќе му се придружи и Нела Стојанова, која преку своето учество ќе ја даде поддршката на оваа иницијатива и ќе помогне во ширењето на пораката за солидарност и поддршка кон оние кои секојдневно водат животни битки.
Предизвикот е инспириран од Роман – момче кое со својата храброст и непоколеблив дух претставува вистинска инспирација за многумина. И покрај тоа што се соочува со пет тешки дијагнози, Роман секој ден покажува дека силната волја и вербата можат да ги надминат и најголемите пречки.
По сложена операција и долг процес на рехабилитација со помош на роботска технологија, Роман неодамна повторно успеа самостојно да прооди, по третпат во својот живот. Неговиот успех претставува симбол на борбеност и доказ дека упорноста и надежта можат да донесат резултати и кога изгледа невозможно.
Организаторите потенцираат дека ова не е само спортски предизвик, туку и порака дека никогаш не треба да се откажуваме од своите цели и соништа. Минатата година Роман беше дел од трката „Дрим Ран“, организирана од Нела Стојанова, каде со својата насмевка и истрајност ги освои симпатиите на сите присутни.
Најубавата вест е што и оваа година Роман повторно ќе биде дел од „Дрим Ран“ и ќе застане на стартната линија, испраќајќи уште еднаш силна порака дека не постојат невозможни битки кога постојат волја, љубов и поддршка од заедницата.
Хуманиот предизвик на Антонио Пандовски и Нела Стојанова ќе биде уште еден потсетник дека спортот има моќ да обединува, инспирира и да ја разбуди човечноста кај сите нас.
StrugaOnline

