Утре ќе се одржи 10-та јубилејна меѓународна ИПА велосипедска рекреативна тура Охрид-Струга-Радожда
Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, утре ќе се одржи јубилејната (10 по ред), меѓународна ИПА велосипедска рекреативна тура Охрид-Струга-Радожда. Стартот ќе биде од градското пристаниште во Охрид во 08 часот од каде, ќе се вози по охридскиот кеј и низ неколку улици низ Охрид, потоа по стариот пат кон Струга, покрај Охридското езеро и низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до Радожда.
ИПА велосипедската тура Охрид-Струга-Радожда е рекреативна велосипедска тура во рамките на проектот ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“ со која, уште од 2016 година, се афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга и понатаму кон туристичката населба Радожда и од Охрид до Пештани, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека.
Овие проекни иницијативи, имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани но и туристите од Македонија и светот.
На овој начин, ИПА Охрид прави свој обид за промовирање на Охрид, Струга и на целот крајезерски регион во целина, како атрактивни туристички и вело дестинации што значително ќе ги издигнат на светската вело туристичка мапа.
-Со ова, упатуваме порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување пред се, на Охрид до Струга а потоа и кон туристичките населби Радожда и Пештани, да станат реалност. Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога урбаниот и рекреативниот велосипедизам имаат се поголемо значење и кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите и да се ставаме во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта во регионот, на кои нема ни трага ни глас од вело патеки означени со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација, велат од ИПА Охрид.
Додаваат дека ги повикуваат сите членови на ИПА Охрид и ИПА Македонија, членовите на ИПА националните секции од соседните земји, од збратимените ИПА градови, сите вело клубови од Охрид, Струга и Македонија, сите граѓани вљубеници во велосипедскиот туринг, да се придружат на вело турата на 13 јуни (сабота), да бидеме уште побројни, да создадеме долга вело колона од Охрид кон Струга и Радожда и да испратиме силна порака до надлежните дека сме армија велосипедисти која бара современа велосипедска мрежа во најатрактивниот регион во Македонија.
StrugaOnline

