Утре учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ Струга ќе се запознаат со светот на џудото
Во рамки на СПАРК проектот, утре (29 јануари 2026 година) во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи едукативна и спортска активност посветена на џудото како боречка вештина и животна дисциплина. Настанот ќе започне во 13:00 часот и е наменет за учениците од училиштето.
Преку практична демонстрација и интерактивна презентација, учениците ќе имаат можност да се запознаат со основите на џудото и да дознаат како боречките вештини придонесуваат за подобра физичка форма, зголемена самодоверба и унапредување на менталната благосостојба кај младите.
Од организацијата посочуваат дека џудото има значајна улога во развојот на младите, бидејќи им помага да изградат сила и координација, да развијат дисциплина и самодисциплина, како и да стекнат почит, разбирање и вештини за соработка со другите. Дополнително, преку редовно вежбање се зајакнуваат самодовербата и личната отпорност кај учениците.
Настанот е дел од активностите на СПАРК проектот, чија цел е промоција на здрави животни навики, спортски вредности и позитивен развој кај децата и младите.
Активноста ќе се одржи во просториите на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, со почеток во 13:00 часот.
StrugaOnline

