Со дефиле на учесниците и целовечерен концерт на ансамблот „Танец“, утревечер на сцената Долни сарај ќе биде отворено 61-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, што ќе трае до 11-ти јули.
Предвидени се обраќања на градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, како и на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Горан Мисовски. Концертот е со почеток во 20:30 часот.
Во рамки на фестивалот, претходно од 18:00 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе биде отворена изложбата „Муренките црници во изумирање во Радожда“ од академскиот сликар Слaвко Упевче.
И овојпат на најстарата фолклорна манифестација на Балканот ќе се афирмираат културните достоинства на народите. Програмските придобивки, квалитетот на презентацијата на фолклорниот материјал и можноста тој да биде отворена сцена за кумуникација на културите на народите придонесе овој фестивал да биде застапен во каталогот на УНЕСКО на најзначајни фолкорни манифестации во светот.
Покрај од Македонија, ќе учествуваат ансамбли и културно-уметнички друштва од Србија, Албанија, Словачка и Босна и Херцеговина.
Извор: Охридпресс
Facebook Коментари