Утре во Струга Lakescape пловен базар: Креативна симбиоза во езерските води на Струга

- Локални
369

Со тестирање на пловен базар, во езерските води во Струга, на 16ти јули,  ќе биде заокружена меѓународната резиденција Lakescape, која е дел од истоимениот проект кој се спроведува на бреговите на трите големи Европски езера: Ванерн – Шведска, Балатон – Унгарија и Охридското Езеро во Македонија.  

На овој настан кој ќе започне од 17 часот неколку локални артизани и учесниците од меѓународната резиденција, ќе впловат во езерото и ќе ги преселат своите дуќанчиња во чамци, за да се здружат со него и заедно да промислуваат нови креативни можности за симбиотична и одржлива соработка помеѓу човекот и животната средина.  

Организаторите на настанот – ИНКА – Здружение Иницијатива за независен активизам Струга и логистичките партнери Europe House Struga и Спортскиот клуб Соларис, ја покануваат пошироката јавност да се придружи на ова несекојдневно искуство и да придонесе кон одржливоста на креативната крајезерска заедница.  Организаторите се погрижија да обезбедат превоз до пловниот маркет, со кајак и СУП даски; се погрижија и за начинот како ќе се купува на вода. Се разбира се погрижија и за добро расположение со музика и освежување.   

Учесници на базарот се: Sanja Mikrogreens, Порака Нова, Bache handmade design, Макало од Десе, Леска Крафт, Dijana handmade, Another universe manufacture, Kalin ceramics, SAVE – Sustainable fashion shop, Плетени приказни, Дарови од природата, Дуќан. 

Покрај локалните артизани, на настанот ќе може да се посети и чамецот на дизајнерите од меѓународната резиденција – Linnéa Ekelöf, Marianne Hellman, Hajnal Gyeviki и Дуото Оаза.  

Lakescape пловниот базар е финансиски поддржан од Европската Унија, преку програмата на Креативна Европа, како и од Министерство за култура и туризам на Р.С.Македонија.

StrugaOnline

Facebook Коментари