Утревечер започнува 63-то издание на ,,Струшките вечери на поезијата“

- Локални
252

Со настап на познатиот пијанист Дино Имери, читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски , обраќање на Министерот за култура Зоран Љутков и традиционалното поетско читање ,,Меридијани“,  утревечер во 20:30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, официјално ќе започне 63-то издание на  фестивалот ,,Струшки вечери на поезијата“.

Како што најави СВП, годинава на оригинален начин, со поврзување на главната и летната сцена ќе бидат истакнати сите потенцијали на сценскиот простор.

-Оваа година, церемонијата на свеченото отворање ќе се случува во големата сала на Центарот за култура, со специјално подготвена сценографија од ОТП студио, на начин што ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. Со ваквото поврзување се добива импресивен волумен, кој нуди безброј можности за мултимедијални настани од различен вид. Последен пат, ова е направено пред повеќе од 30 години.-информираат од дирекцијата на фестивалот.

Додаваат дека во рамки на поетското читање „Меридијани“, свои стихови ќе прочитаат: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг,кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

Мотото на годинешниот фестивал е ,,Допир на убавината“.

Strugaonline

Facebook Коментари