Во Подгорци, на петнаесет километри од Струга, во подмножјето на планината Јабланица на 900 м. надморска височина, селото „под гората“ деновиве живее во зимска идила. И ова година, како и многу други изминати години на 13 и 14 јануари Свети Василиј-Велики, или Стара нова година се двата дена кога подгорчани и Подгорци го отсонуваат она за што сонувале цела година. На 13 јануари, првиот ден од празнувањето, во вечерните часови најмладите деца го најавуваат карневалот со посета на секое домаќинство, децата маскирани одат и пеат и ги канат домаќините во име на Василичарското друштво да земаат учество истакна претседателите на Друштвото Горан Николоски и Горан Наумоски.
На 13 јануари секоја година Василичарското Друштво од Подгорци, Стара Нова година традиционално организирано ја чекаат во црковната трпезарија во кругот на црквата „Свети Никола“. На 14 јануари во раните утрински часови, кога маскираните подгоречки – василичари, предводени од зетот и невестата, а оваа година (Мариноски Игор невеста и Борко Стојаноски зет) заедно со василичарската музика се упатуваат на селската главна чешма Клајнец за да се наполни вода за здравје, а потоа секоја домаќинка носи Василичарки и ги става на чешмата, полни вода од селската чешма која претходно е осветена за домаќинките да месат Кашаник со паричка. Потоа дефилето почнува од најдолната куќа на селото, одејќи од мало до мало и од куќа до куќа, честитајќи ја Нова година, со бакнување рака на домаќинот, а пак домаќинот ја дарува невестата и зетот со пари, а сите други василичари и присутни гости кои ја следат поворката ги почестува со топла ракија и мезе.
Со завршување на посетата на последната куќа од Горното Мало, започнува главната прослава во 14 часот во центарот на селото, односно на местото наречено „Горно Ориште“ каде што се започнува играјќи го „Василичарското Оро“. Исто така, според обичајот селски, учесниците на карневалот одат на визита кај Василевци, што го носат името на Василиј. Кај домаќините се игра и се пие топла ракија и на василичарите заедно со василичарската музика им се дава ручек „Кашаник“. Се смета дека подгоречките василичари имаат традиција колку што е старо селото. Подгоречката порака на сите василичари е: „ЗА МНОГУ ГОДИНИ, В ГОДИНА ПОВЕСЕЛИ И ПОРАДОСНИ!“
Покрај традиционалните пагански маски, подгорчани преку новите маски ги прокоментираат сите настани и личности од јавниот живот, кои биле забележани во изминатата година. Тие ги жигосуваат и иронизираат општествените појави.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ
Strugaonline
Facebook Коментари