Вчера се одржа работна средба меѓу градоначалниците на Струга и Охрид
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, вчера оствари работна средба со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната конструктивна комуникација и добрососедските односи меѓу двете општини.
Во фокусот на разговорите беа повеќе прашања од заеднички интерес, меѓу кои состојбата со плажите како значаен сегмент за развојот на туризмот и заштитата на животната средина, како и проектот за патеката што ги поврзува Струга и Охрид. Овој проект беше оценет како од особено значење за унапредување на регионалната поврзаност, мобилноста и одржливиот развој.
Меѓуопштинската соработка беше разгледана и низ призма на заедничките предизвици од минатото, актуелните прашања со кои се соочуваат двете општини, како и можностите за идна соработка, со цел изнаоѓање заеднички и одржливи решенија во интерес на граѓаните на Струга и Охрид.
Двајцата градоначалници ја истакнаа важноста од континуирана координација, размена на искуства и иницирање заеднички активности, како предуслов за унапредување на квалитетот на живот и обезбедување рамномерен регионален развој.
Општина Струга, како што беше нагласено, останува посветена на јакнење на партнерствата и соработката со соседните општини, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување долгорочен и одржлив развој.
StrugaOnline

