Со концертот насловен „Од умот се подизгубив… за едно лично“, во изведба на Државно – музичкиот балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, вечерва свечено ќе биде отворен фестивалот на народна култура „Пображење“, кој во организација на Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани се одржува по 12-ти пат.
Според објавената програма, првите две фестивалски вечери се наменети за презентација на народната култура од земјава и странство преку учество на фолклорни ансамбли, а третата фестивалска вечер е посветена на традиционалната народна музика која оваа година ја носи музичката група „Чалгии мерак“ од Скопје.
Во рамки на фестивалот годинава ќе има и две изложби на фотографии, – „75 години организиран фолклор во Вевчани“, во организација на КУД „Дримкол“ и изложба на фотографии на традиционални носии насловена „Од Љубанишча до Дебор“ од авторот Љупчо Милошевски.
На овој фестивал освен претставување на народна култура има и други содржини, како што е програмската содржина „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, на која учестува академскиот ликовен уметник Никола Угриноски.
Фестивалот на народна култура „Пображење“ во Вевчани е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и Општина Вевчани.
Facebook Коментари