Вечерва во 19:30 часот, во Галерија „Вангел Коџоман“ – Струга ќе биде отворена изложба на графичките дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова на која ќе бидат претставени триесетина плакатни решенија со кои авторките учествувале или добиле награди на различни светски конкурси во текот на изминатите неколку години.
,,Започнатиот уметнички од на графичките дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова е преточен во изложбата насловена ,,Калеидоскоп‘‘, составена од низа откинати слики од графичките пораки преку кои младите уметници говорат за грдото лице на општествата но и за љубовта која неминовно како во старите филмови мора да ја победи темнината. Тие низ окуларот на сопствената уметничка естетика прават напори своите идеи за современото опкружување да го пренесат како сублимирана порака на публиката и на тој начин говорат за девијациите или придобивките на општеството во кое опстојуваме. Втурнати во динамичниот свет на современите општествени текови, и двете авторки со многу јасен графички јазик кореспондираат со обичниот човек, кому му се обраќаат, нудејќи свои решенија за разјаснување на загатките испречени особено пред младите луѓе.
Резултатите од креативната работа на Маријана и Симона го потврдуваат фактот дека тие веќе се изградени уметници способни да се соочат со предизвиците на многу истенчениот вкус на конзументите во светски рамки од една страна, истовремено водејќи борба за квалитетно презентирање на професијата графички дизајнер која за жал се уште во Република Македонија го нема заслуженото место.‘‘
Изложбата е во рамки на проектот MuseumLINK – мрежа на музеи и дел од проектот CreArt-Мрежа на градови за уметничка креативност.
Strugaonline
Facebook Коментари