Вечерва во Вевчани новогодишен концерт ќе одржи КУД ,,Дримкол“

КУД ,,Дримкол“ Вевчани со два новогодишни концерти го претставува својот нов проект насловен ,, Фатил сокол еребица“. Првиот концерт се одржа вчера, а вториот ќе се одржи вечерва со почеток во 19:00 часот во просториите на Мултикултурниот центар во Вевчани.
Станува збор за роднокрајни народни песни обработени и под диригентска палка на Аргил Мукоски, а во изведба на членови на првиот фолклорен ансамбал, младинскиот ансамбал и оркестарот на КУД „Дримкол”.
На вчерашниот концерт, пензионираниот учител, основач и прв раководител на КУД „Дримкол“, Мукоски, го изрази своето задоволство што работи со талентирани уметници. Концертот го посвети на 50-години активна работа на КУД „Дримкол“ од Вевчани.
– Програма ја сочинуваат традиционални песни, кои сум ги собирал за време на мојот работен век како учител по музичко образование. Меѓу хорските изведби се ставени и три ороводни песни на кои девојките од младинскиот ансамбал играат со оригиналните чекори од терен кои ги поставивме заедно со мојата сопруга Звезда, истакна Мукоски.
Обработка и изведба на хорски вокални напеви за прв пат се поставуваат на репертоарот на КУД „Дримкол“ со што ова друштво ја потврдува својата инвентивност, сериозност и професионалност при работењето.
Strugaonline

