Oд денаска па се до до 7-ми јули ќе се одржи осмото издание на традиционалната книжевна манифестација „Струшки книжевни средби“.
Предвидена е богата програма која вклучува промоции на книги, поетски читања, ликовни изложби што ќе се одржуваат во текот на трите денови во Струга, Охрид, Дебрца и Вевчани.
Свеченото отварање е закажано за вечерва во 19:00 часот, во охридската библиотека, со промоција на двојазичната книга „Соѕвездие“ на македонски и српски писатели. За македонско-српското пријателство ќе говорат Петко Шипинкаровски и Љубиша Симиќ.
Во петок, 6-ти јули ќе бидат доделени наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“ за 2018 година. Ќе следи доделување на наградата „Книжевна далга“, за 2018 година, на добитникот Виктор Шеќероски, како и доделување на наградата „Книжевни бранови“ за најдобра прочитана песна на средбите.
Вечерта од 19:00 часот во црквата „Св. Никола“ во Вевчани ќе биде доделена наградата „Струшко слово“ на добитниците за 2018 година Никола Шимиќ Тонин (Хрватска) и Јордан Ѓорчев (Македонија). Од 21:00 часот во Пупиновата куќа ќе се одржи книжевно музички перформанс со Мојца и Питер Андреј (Словенија). Поетите ќе читаат песни од своето творештво.
Манифестацијата ќе заврши во сабота, 7-ми јули, со посета на селото Белчишта, разгледување на Ликовната галерија, на природниот резерват „Сини Вирој“, посета на родната куќа и „Спомен собата“ на писателот Ванчо Николески, родоначалник на македонската литература за деца во селото Црвена Вода. Учесниците и присутните гости, ќе имаат можност да го погледаат изборот од вредните дела на реномирани ликовни уметници – учесници на Ликовната колонија „Дебрца“, меѓу кои: Јордан Манасиески, Ѓоко Целески, Васко Ташковски, Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Сергеј Андреески, Мето Георгиевски, Петар Мазев и многу други.
Strugaonline
Facebook Коментари