Лев банер Десен банер

Вевчани домаќин на европските истражувачи на рисот: Научници од 19 земји на средба на „Еуролинкс“

Вевчани од 12 до 14 октомври ќе биде место на кое ќе се соберат бројни европски и регионални истражувачи посветени на проучувањето и зачувувањето на евроазискиот рис. Во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД), ќе се одржи деветтата средба на „Еуролинкс“ (EUROLYNX) – европска научна иницијатива посветена на размена на податоци и знаења за екологијата и движењето на рисот.

„Еуролинкс“ е основан во 2018 година како просторна база на податоци за евроазискиот рис (Lynx lynx). Во системот досега се споделуваат податоци од 42 истражувачки групи од 19 европски земји, меѓу кои е и Македонското еколошко друштво.

МЕД преку својата Програма за закрепнување на балканскиот рис веќе две децении работи на истражување и заштита на овој загрозен подвид на евроазискиот рис. Според организацијата, домаќинството на меѓународната научна средба претставува признание за долгогодишната истражувачка работа на македонските биолози и нивната вклученост во европската научна заедница.

„Еуролинкс“ претставува платформа што ги поврзува научниците од различни европски земји со заедничка цел – подобро да се разберат движењето, однесувањето и екологијата на рисот.

„Ова е прилика да се споделат новите истражувања од областа и да се остварат соработки од поголеми размери, со фокус на цели популации на рисот. Така значително се збогатуваат сознанијата и се стекнува подетална слика за трендовите и поврзаностите меѓу популациите на континентално ниво“, вели Александар Павлов, биолог од тимот на МЕД кој работи на закрепнување на балканскиот рис.

Средбата во Вевчани е од затворен карактер и е наменета исклучиво за членовите на „Еуролинкс“.

Информациите собрани преку системот им овозможуваат на истражувачите да го следат однесувањето на рисот во неговите природни живеалишта и да анализираат како популациите реагираат на различни промени.

Меѓу факторите што се следат се промените и фрагментацијата на живеалиштата, човековите активности, достапноста и густината на пленот, како и различните начини на одгледување добиток.

Бидејќи податоците се собираат од повеќе европски земји, „Еуролинкс“ овозможува споредбени истражувања и подобро разбирање на однесувањето и екологијата на рисот на ниво на цели популации, а не само на одделни подрачја.

Евроазискиот рис е најголемиот вид од родот Lynx и припаѓа на семејството мачки (Felidae). Поради неговиот широк ареал и релативно стабилните популации во делови од Евроазија, видот на глобално ниво на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) е категоризиран како „најмала загриженост“.

Сепак, состојбата значително се разликува меѓу одделните популации. Некои изолирани популации во Централна Европа се сметаат за загрозени, а меѓу најчувствителните е и балканскиот рис, кој денес населува ограничен дел од Балканскиот Полуостров.

И покрај враќањето на евроазискиот рис во одредени делови од неговиот историски ареал, видот и натаму се соочува со сериозни закани. Меѓу нив се криволовот, губењето и фрагментацијата на природните живеалишта, како и генетското ослабување кај малите и изолирани популации поради парење меѓу блиски сродници.

Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека токму ваквата меѓународна размена на податоци и научни сознанија е важна за подобро разбирање на состојбата на рисот и за планирање поефикасни мерки за негово зачувување.

StrugaOnline

error: