Лев банер Десен банер

Виолинистите Марија Џуклеска и Андреј Наумоски од Струга вечерва ќе настапат во Македонската филхармонија

Македонската филхармонија вечерва ќе го одржи традиционалниот концерт насловен „Младите доаѓаат“, посветен на новите музички таленти од земјава.

Честа да настапат на овој значаен концерт ја имаат и двајца виолинисти од музичкото училиште во Струга, станува збор за Марија Џуклеска и Андреј Наумоски, виолини во класата на проф. Милена Крстевска.

Од Средното музичко училиште -Струга за Strugaonline информираа дека Марија и Андреј поминале строги селекции и аудиција во конкуренција со музичари од сите музички училишта во земјава и успеале да си обезбедат место на вечерашната голема сцена.

Под диригентство на маестро Ангел Спироски, вечерва ќе настапат и ученици од музичките училишта од  Скопје, Охрид и Битола.

На програмата се инспиративни и комплексни дела од Ј. С. Бах (Двоен виолински концерт во d-moll), К. Дитерсдорф (Концерт за контрабас и оркестар бр. 2), С. Меркаданте (Концерт за флејта и оркестар бр. 2), К. Сен-Санс (Концерт за виолончело и оркестар бр.1), Д. Кабалевски (Концерт за виолина и оркестар во C-dur), К. М фон Вебер (Кончертино за кларинет и оркестар во Es-dur), Ф. Шуберт (Erlkönig), В.А. Моцарт (Концерт за пијано и оркестар во d-moll), Џ. Верди („Saper Vorreste“ – aрија на Оскар од операта „Бал под маски“) и Д. Шостакович (Концерт за пијано и оркестар бр. 2).

– Овие концерти се мошне интересни и секогаш оставаат силен впечаток, затоа што носат нова енергија, елан, ентузијазам, младешки дух, и ја најавуваат новата генерација македонски музички уметници, се вели  во соопштението од Македонската филхармонија.
Strugaonline

error: