Во четврток со почеток во 13:00 часот во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга ќе биде отворена изложбата ,,Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски-дел од ретроспективна изложба“.
На изложбата ќе бидат претставени дваесетина уметнички дела работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел.
Владимир Георгиевски (1942–2017) е еден од најзначајните македонски уметници. Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовнобогатство закопано длабоко под површината на неговите слики.
,,Творештвото на Владимир Георгиевски се опира на сите обиди да се класифицира и систематизира. Пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата. Најголем дел од делата се недатирани, еден ист мотив е работен повеќе пати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники, сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели… Неговото творештво е како животот – буи, блика, расте и се разгранува во својот природен развиток, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту пак води сметка за модните трендови и вкусот на неговите современици.Владимир Георгиевски, уште на самиот почеток, го става човекот и неговата драма на постоење во центарот на својот сликарски свет. Тој создава дело за човекот од човекот.
Тој е сликар на современата стварност дури и кога е тешко препознатлива поради историската травестија. Симболизмот во неговото творештво, алегоријата, нарацијата и иронијата со која ги слика нештата не се противставени на основниот сликарски порив да ја направи видлива вистината за светот денес. Тие се само средства.
Протагонистите на неговите слики парадираат во историски костуми како во театар. Понекогаш тоа се современи ликови и сцени од секојдневниот живот претставени во историски костими и вкалапени во познати калапи од религиското сликарство или од книжевноста. Во најдобрата традиција на светското сликарство, со мајсторство на кое нема што да му се забележи, Владимир Георгиевски се обиде да му го врати на сликарството загубеното достоинство и одново да го доближи до философијата разбрана изворно како љубов кон мудроста. А каква е таа мудрост што не е втемелена во вистината? Во својот сликарски манифест (2011) тој ќе напише: „Овој свет со својата вистинитост не е Космосот на бојата и астрономијата на цртежот! Не, тие Космички пространства на моите сликарски сновиденија се над светските нужности, над вистинитоста што може да ја видиме и да ја опипаме! Мојот вистински пат е пат на духовно слободно чувствување на светот и Човекот во него!“,,-вели муѓудругото Емил Алексиев во описот на оваа изложба.
Strugaonline
Facebook Коментари