Во недела во Струга ќе се одржи манифестацијата ,,Избор на највелигденско јајце“, ова е најавената програма

- Локални
369

На 12-ти мај (Томина недела) во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга традиционално ќе се одржи манифестацијата ,,Избор на највелигденско јајце“.

Програмата ќе започне ден претходно, односно во сабота од 12:00 до 14:00 часот ќе има отворена работилница каде што децата со прибор обезбеден од струшкиот центар за култура ќе можат да ја изразат својата креативност и да декорираат Велигденски јајца со кои ќе учествуваат на изборот.

,,На изборот за највелигденско јајце може да учествува секој граѓанин без разлика на пол и возраст. Отворената работилница ја организираме за да дадеме можност за креативност кај најмладите на отворено, но и декорирани јајца кои учесниците ќе ги донесат од дома влегуваат во конкуренција“-изјави за Strugaonline, Ристе Миладин.

Тој додаде дека освен највелигденско јајце, ќе се избира и најдобра песна, најдобар состав и најдобар цртеж.

Од Центарот за култура информираат дека официјалната програма ќе започне во недела во 19:00 часот со изложба на пристигнатите експонати. Потоа ќе следува беседа на отец Стефан Санџакоски и настап на хорот ,,Калистрат Зографски“.

За сите љубители на драмската уметност, членовите на драмското студио ,,Миладин“ ќе настапат со претставата ,,Бог е љубов“.

,,Станува збор за кратка, петнаесет- минутна претстава што ја изработивме по повод големиот празник Велигден. Симболичен драмски сегмент со кој ќе ја збогатиме оваа традиционална манифестација“-вели режисерот Ристе Миладин.

Настанот ќе заврши со доделување на награди за најдобрите.

Strugaonline

Facebook Коментари