Во очи празникот Рождество на Пресвета Богородица извадок од монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим-Струга“ на Коста Хиохи
Во очи празникот Рождество на Пресвета Богородица, објавуваме текст- извадок од монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим- Струга“ на м-р Коста Хиохи за стариот дрвен чун и одењето со него на панаѓурот во Калишта, по сеќавање на покојниот Боро Белески рибар и еден од првите спортски веслачи.
ЗА СТАРИОТ ДРВЕН ЧУН
„Во денешно време сигурно е тешко да се замисли дека дрвените чунови биле единствените пловила по езерото и реката. Најчесто се чувале врзани на дрвеното „коље“ на десниот брег кај Турска Маала или на оние пред хотелот „Галеб“. Не биле многубројни, таман колку што биле и рибарските тајфи, ретко која имало повеќе од еден. Од неформалната градска флота, речи си секој чамец бил различен и посебен сам за себе, не само во изгледот туку и по намената. Рибарските биле помалечки и порамни, предната палуба спуштена што овозможувало подобро пролизгување на водата по коритото а со тоа и побрзо и полесно маневрирање за време на риболовот, Големите чунови пак, обично служеле за транспорт на стока, камења, песок, дрва, жито, грозје и пошта до сите и од сите населени места на бреговите на езерото, но кога си ја завршувале основната намена, многу често биле давани под „кираџиство“- наем во забавни и рекреативни цели.Имаше такави кајчиња и чуној „ко бајаги“ по рекава и езероно, тие помалите ги правеа локалните тишлери и не беа кој знае каков квалитет па така некако неприметливо се изабија и се сневидоа а имаше од оние големите, гломазните. Со доаѓањето на новиот вид кајчиња кои се изработуваа од големи дрвени летви на однапред изработен костур, старите целосно исчезнаа. Останаа само оние големине, баш-чуној кои беа изработени од чамово дрво носено дури од Мокра планина од Албанија како што ни кажуваа постарите. Уште како дете ги паметам тие чунови претоварени со камен или друг некој материјал како се приближуваа кон брегот, имаа високо подигнат клун кој им одолеваше и на најголемите бранови и не дозволуваше да се наводени товарот. Се зборуваше дека први таквите чунови почнале да ги изработуваат пештанските мајстори, тишлери а подоцна и охридските. Посебно задоволство беше заедничкото одење на панаѓур во Калишта на св. Богородица. Дотерани, променети цела поширока фамилија, кој знае 10-15 души, го чекаме големиот чун кој веќе однел неколку тури за на манастир, и кој знае уште колку ќе однесе до вечерта бидеќи иако имаше какво-такво „џаде“ за Калишта голем мерак беше одењето со чун кој некако тој ден изгледаше многу поинаку, посвечено од оној со кој се пренесуваше житото и рибата. Да, поинаку и мирисаше на измешаните ливанта и на некаква свежина и возбуда, надополнета со една милина од звуците на сазот, ќемането и дајрината прекриени со прекрасните гласови на нашите мајки, тетки, сестри и братучетки: „Фанче појде во Калишта, во Калишта на панаѓур“ ги слушаш, потпевнуваш и веќе следниот миг дрвениот чун го бакнува брегот пред манастирот а ние влегуваме во врвулица од народ, песни, ора, шеќерчиња, леблебија баш онака како што си го личи за панаѓур. Да поможит!
Не ретко ќе се случеше да си ги земеме чуновите и без некаква причина и пригода, да се собереме друштва, да си земевме по нешто за јадење, кому што му се нашло по дома и правец Охрид на екскурзија, некогаш Калишта а некогаш бога ми и св. Наум. Е сега во контекст на веслањево морам да спомнам дека иако не постоела како спортска дисциплина кај нас пред 30-те години на 20 век, најчесто рибарите правеле меѓусебни трки со нивните чунови. Знам дека татко ми Ѓорѓи бил еден од подобрите заедно со неговиот колега Али Ќерим-Дервишот. Ќе завршеле со риболовот некаде во висина на „веждата“ и од таму до кај „кољето“ се тркале со веслање, таа традиција ја продолживме и ние со неговиот син но за среќа веќе во оформениот клуб со вистински веслачки чамци. Уште би кажал дека големите дрвени чунови ги користеле за фрлање на светиот крст за Водици, во нив се пренесувале свештениците, капачите но и публиката која целата церемонија ја одржувале во најстрога тајност. Татко ми беше убедливо најспретниот фаќаќ на крстот, толку пати го фаќал што мајка ми го молела да не го прави тоа повеќе бидејќи долги денови потоа имало славје во нашиот дом, а со тоа и големи трошоци во време на голема оскудица и сиромаштија.
Последниот дрвен чун во градот бил сопственост на турската рибарска фамилија Гаваз. Нивните денешни наследници со задоволство кажуваат дека нивниот прадедо Ирфан го нарачал големиот чун од охридските мајстори Јонче и Стефан во 1937 година и го платил со златници. Кога чунот бил готов неговите синови Муле и Ирфан го донеле од Охрид со веслање. Овој чун наоѓа широка намена во севкупните градски активности а посебно е запаметен во транспортот на делкан камен за изградбата на коритото на Црн Дрим. Токму на таков чун ќе ги направат првите завеслувања, плејада веслачи кои во годините што ќе дојдат ќе прераснат во силни спортски натпреварувачи.“
Текст и фото: Коста Хиохи
StrugaOnline
