Во сабота, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи дискусија на тема
„Етичкото и естетичкото во социо-политичката уметност“. Настанот ќе започне во 20:00 часот и е во организација на „ДримОН“ фестивалот.
Оваа дискусија е замислена како симпозиум, односно дружење каде ќе се разменуваат ставови, мислења и перспективи околу позицијата на современата уметност денес, и нејзината функција во денешните форми на капитализмот на локално, и пошироко ниво.
Прашањата на етичкото и естетичкото ќе ги дискутираме во рамки на теоријата на уметноста со разгледувањето на поимите преку примери на дела, како и процеси на работа. Процесите на работа, односно трудот во современата уметност не одговара на ниедна традиционална форма на труд. Тој се организира на различни начини, па таквите процеси на создавање имаат и формираат понаква политичка позиција.
Сфаќајќи го полето на уметноста како простор на контрадикција и експлоатација, место за моќ, шпекулации, масовни и искривени манипулации, но и место на заедништво, движење, солидаризирање и размена ќе пробаме да ја разледаме позицијата на уметноста која влијае на релноста токму поради тоа што е заплеткана во сите нејзини аспекти, и таа станува неуредна, вградена, проблематична и неодолива, како што ја нарекува Hito Steyerl.
Тој простор на уметноста е простор каде таа се преплетува со различни животни сфери -општествени, економски или политички. Ќе пробаме да дискутираме дали можеме да го разбереме тој простор како политички, а не да се обидуваме да ја претставуваме политика како нешто што се случува на друго место. Ќе дискутираме дали уметноста е надвор од политиката, или е нејзин дел, односно е дел од нејзиното производство, нејзината дистрибуција и нејзиниот прием.
Модератор: Биљана Тануровска Ќулавковска – менаџер во културата и куратор
Дискутанти: Филип Јовановски – уметник; Ивана Васева – историчарка на уметноста и куратор, Владимир Јанчевски – историчар на уметност и куратор; Небојша Вилиќ, универзитетски професор по историја на уметноста, Анастас Гоџо магистрант на институт по филозофија при УКИМ.
Strugaonline
Facebook Коментари