Во Вевчани промовирана книгата „Падот на Југославија и независноста на Македонија“ од новинарот и публицист Ненад Баткоски

- Локални
144

На овогодишната манифестација „Вевчанско културно лето -ВЕВКУЛ 2025“, промоцијата на книгата „Падот на Југославија и независноста на Македонија“ од новинарот и публицист Ненад Баткоски, што се одржа во вчера, предизвика огромен интерес меѓу вевчанци и гостите што дојдоа дури од соседните Струга и Охрид. Промотори на изданието беа м-р Верица Мукоска и истакнатата новинарка Снежана Пачоска – Китанчев, уредник во МТВ.

Тие во своите искажувања беа единствени во констатацијата дека се работи за оргинално издание, високо професионално концентрирано, а објавените текстови во книгата, допрва ќе бидат користени и цитирани од други автори што ќе пишуваат на оваа тема. А, тоа покажува дека овие новинарски текстови од авторот Ненад Баткоски објавени пред повеќе децении не изгубиле ништо од својата оргиналност, аргументираност и актуелност до денес.

Авторот на ова книга која е составена од објавени текстови пред се во дневниот весник „Борба“ од Белград во која Ненад Баткоски го почна своето прво вработување како дописник од Република Македонија (и што траело дванаесетина години, од 1979 да 1991 година се до распаѓањето на авнојска Југославија), за потоа да премине на работа во првиот независен весник во РМ. „Република“ (1991-1993 год.), потоа во други весници, но бил и главени одговорен уредник на новинарската агенција МИА (од 1999 – 2000 год.) и др. Но, новинарот и публицист Ненад Баткоски пишувал и за други изданија што излегувале во Лозана и Париз, а активно соработувал и со весници од Словенија, Хрватска, БИХ и др. Од 1995 год. па до сега е главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Бата прес“ каде што подготвил и издал над 300 наслови на книги од македонски и странски автори. Тој својата кариера ја завршил како советник (од 2007 до 2022 год.) во министреството за одбрана на РМ.

Книгата „Падот на Југославија и независноста на Македонија“ од новинарот и публицист Ненад Баткоски, е поделена на два дела и тоа: во првиот дел посветен на распаѓањето на Југославија се објавени негови 46 текстови, кои директно зборуваат за причините за падот / распаѓањето на авнојска Југославија, додека во вториот дел што е посветен на осамостојувањето на Македонија, се поместени 34 објавени нови написи и прилози, во кои се зборува за многу негативни појави кои доведоа авнојска Југославија да се симне од списокот на држави што постоеле и да заминат во историјата.

На промоцијата што со интерес беше следена од голем број присутни, реч имаше и Мишо Китаноски, еден од организаторите на Вевчанско културно лето ВЕВКУЛ 2025, кој подвлече дека Вевчани вклучувајќи го тука и авторот на книгата што се промовира Ненад Баткоски, досега дало истакнати и заслужни македонски новинари кои работеле и работаат во печатените медиуми во Македонија и оставиле забележителна трага во републичките и македонски средства за информирање и во публицистиката.

Свеченоста беше збогатена и со настапот на вевчанскиот поет Наум Баткоски, кој читаше фрагменти од книгата.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

Facebook Коментари