Запалена депонијата во Струга: Општината најави 24-часовен надзор и бара одговорност
Властите истражуваат сомнежи за намерно подметнат пожар на градската депонија во Струга, кој избувна во текот на изминатата ноќ и предизвика сериозна опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните.
Според информациите од Општина Струга, благодарение на брзата интервенција на општинските служби и надлежните институции, пожарот бил навреме локализиран и изгаснат, со што биле спречени поголеми последици.
На местото на настанот веднаш излегле полициски екипи и надлежни инспектори, кои започнале истрага за утврдување на причините за пожарот и идентификување на можните сторители.
Од Општината информираат дека првичните сознанија и трагите пронајдени на терен упатуваат на сомнеж дека пожарот бил намерно предизвикан. Според нивните информации, на локацијата биле забележани траги од бензин, што претставува предмет на понатамошната истрага. Доколку овие сомнежи се потврдат, станува збор за сериозно кривично дело.
„Неприфатливо е поради лични интереси или со цел да се создаде хаос да се загрозува здравјето на илјадници граѓани. Загадувањето на воздухот што го дишат децата, повозрасните и сите жители на Струга не смее да биде толерирано“, наведуваат од локалната самоуправа.
Паралелно со истрагата, Општина Струга соопшти дека веќе се преземаат дополнителни мерки за обезбедување на депонијата, која отсега ќе биде под 24-часовен надзор. Воедно, најавена е засилена соработка со Министерството за внатрешни работи и останатите надлежни институции со цел целосно расветлување на случајот.
Од Општината упатија апел до граѓаните, доколку располагаат со информации што можат да помогнат во откривањето на сторителите, истите да ги пријават до надлежните органи.
„Струга нема да биде заложник на поединци кои се обидуваат да шират страв, загадување и хаос“, порачуваат од Општина Струга.
StrugaOnline

