Лев банер Десен банер

Започна асфалтирањето на Источниот колектор – стратешки проект што ќе го промени влезот во Струга

Денеска започна асфалтирањето на една од најзначајните инфраструктурни инвестиции во Струга – патниот правец Струга–Мороишта (Источен колектор), стратешки проект кој ќе го модернизира влезот во градот, значително ќе го подобри сообраќајниот проток и ќе стави крај на долгогодишните сообраќајни метежи на овој потег.

Проектот, изработен од архитектите на Општина Струга, претставува современо сообраќајно решение кое ќе овозможи побезбедно и побрзо движење, но и ќе отвори нови можности за урбан и економски развој на овој дел од градот.

За реализација на проектот, Министерството за транспорт обезбеди 2,2 милиони евра. Благодарение на транспарентната постапка за јавна набавка, на тендерот учествуваа повеќе компании, а најповолната понуда ја достави компанијата МИ Транс во вредност од 1,2 милиони евра. Разликата од околу еден милион евра е побарано да биде пренаменета за реализација на други капитални проекти од интерес на граѓаните на Струга.

Покрај средствата од Министерството, Општина Струга учествува како кофинансиер на проектот. Од општинскиот буџет се инвестираат 9 милиони денари за реконструкција на водоводната мрежа и замена на азбестните цевки, 10 милиони денари за изградба на атмосферска канализација, како и дополнителни средства за поставување на ново јавно осветлување. Овие инфраструктурни зафати не беа предвидени во првичниот проект, но се обезбедени со цел граѓаните да добијат целосно и долгорочно решение.

Градоначалникот на Општина Струга упати благодарност до граѓаните кои покажаа разбирање и дадоа свој придонес за реализацијата на проектот.

„Голема благодарност до сите граѓани кои постигнаа договор со Општината и без никакви пречки ги отстапија своите земјишта за реализација на овој значаен проект. Во моментов водиме разговори и со останатите сопственици за втората фаза, со цел процедурите да завршат што е можно побрзо и проектот да продолжи без застој”, истакна градоначалникот.

Првата фаза опфаќа делница во должина од 600 метри, од кружниот тек кај „Фон” до Туристичката улица (поранешна „Аполонија“). Новиот булевар ќе биде широк 35 метри и ќе располага со:

  • четири сообраќајни ленти,
  • централно зелено разделно островче,
  • тротоари од двете страни,
  • ново хортикултурно уредување.

Проектот ќе се реализира во две фази. Првата фаза ќе се изведува од кружниот тек кај „Фон” до детската градинка, додека втората фаза, до Туристичката улица, ќе започне веднаш по завршувањето на првата, во рамките на истиот тендерски договор.

Со завршувањето на Источниот колектор, Струга ќе добие современ и функционален влез во градот, кој понатаму ќе се поврзе со новиот пат кон Мороишта. Овој проект ќе придонесе за побрз и побезбеден сообраќај, намалување на метежот и создавање подобри услови за идниот развој на градот.

StrugaOnline

error: