Затворена е спортската сала „Нико Нестор“ во Струга

- Локални
1751

По лавината реакции околу состојбата на спортската сала „Нико Нестор“ Струга, Трудова инспекција денеска ја затвори салата.Несреќната трагедија во дискотеката Пулс во Кочани предизвика големи бранувања во македонската јавност но и иницијативи за санирање и покревање на безбедностите системи и стандарди се со цел да се избегнат слични трагедии во иднина. Во една таква атмосфера на површина исплива и едно посебно горливо прашање за стружани, салата „Нико Нестор“ која, како што велат упатените е во фаза на распаѓање и е опасна не само за учениците и спортистите кои во неа тренираат, туку и за случајните минувачи. Иако низ спортските кулоари добро се знаеше кој ја стопанисува салата, деновиве јавноста беше разбранувана со информацијата дека салата нема стопан. Спортските клубови со кои стапивме во контакт велат дека месечен закуп на салата плаќаат во Спортскиот сојуз за што ни приложија и фактури.

Во продолжение неколку изјави од загрижени родители и тренери кои тренираат во Нико Нестор:

-Салата е во очајна состојба, неколкупати реагирав кај тренерите но попусто. Соблекувалните се како во хорор филм, кога врне гасат рефлектори бидеќи вода влегува во салата од страв да не ни ги убие децата струја. Ова е под секакви стандарди а редовно плаќаме членарина- вели загрижена родителка.

-Проблемот со салата се провлекува подолг период. Таму е вистински хаос со електричната инсталација. Секој клуб си поставува сопствено броило и пред тренинг се префрлаат клубовите на главното напојување, вели тренер на еден од клубовите.

-Иако ние како ракометна школа имаме само два термини неделно во салата Нико Нестор, и поголемиот број тренинзи и натпреварите ги одржуваме во друга приватна сала, сепак во Нико Нестор работиме со најмалите групи, и мора да се каже дека децата заслужуваат да тренираат во многу подобри услови од моменталните кои со години се провлекуваат во салата, која за жал функционира како единствена „градска“ сала каде многубројните спортски клубови од колективните спортови можат да тренираат и да се натпреваруваат. Што поскоро треба да се санира кровната конструкција која прокиснува, лошото осветлување и дотраената подлога на теренот. И окружувањето, трибините, соблекувалните и санитарните чворови, иако имаат претрпено некои козметички поправки, сепак се во незавидна состојба и имаат потреба од реновирање. Нас како здружение, термините ни ги фактурира сојуз на спортови Струга, и истите редовно си ги подмируваме, така да нормално е од сојузот да очекуваме да се грижи околу одржувањето и менаџирање на објектот, ни изјави Дејан Коцар тренер на ракометната школа „Динг“ Струга.

Подетален осврт на состојбата и проблемите со салата ни даде Владимир Ѓоровиќ тренер на ЖКК Струга 2009 а пред тоа на ЖКК Кимико, кој е присутен во салата веќе 22 години:

-Како прво би сакал да кажам дека изнесувам сопствено мислење и став на ЖКК Струга 2009 и мислам дека имам потполно право поради тоа што сум 22 години во таа сала.

Морам да напоменам дека многу успеси и радости ни донесе таа сала и сеуште ни носи, како на нашиот клуб така и на останатите струшки спортски клубови, морам да споменам дека во таа сала се играа натпревари од највисок ранг во Европа па се до најмлади селекции. Во период од 2003 до 2007 година се играа Фиба куп натпревари (втор ранг на европска женска кошарка), WABA лига (јадранска женска лига), како и домашни сениорски и младински натпреварувања. Исто така и сениорски и младински репрезентации тренираа во таа сала. Моменталната состојба воопшто не е сјајна, но мислам дека со мала инвестиција може да се санира и функционира. Затворање на салата од било која причина за струшките клубови би значела откажување од, најпрво младински натпреварувања а потоа и од сениорски, така да, во интерес на срушките клубови е салата да се санира, реновира и да продолжи со функционирање, тоа е од огромен бенефит за градот, поради тоа што во салата тренираат преку 500 дечиња во клубовите. Мое мислење е тоа што целиот проблем произлегува од тоа што не се знае чива е и кој треба да стопанисува со неа, ние клубовите имаме потпишан договор со „Спортски Сојуз Струга“, ама веќе незнаеме со кого од спортскиот сојуз да комуницираме и на кого да му се обратиме.

Сега сакам да се осврнам на најголемите проблеми во салата:

Кровот на салата кога се обилни дождови прокиснува на 10-тина места во источната половина на салата. Над ходниците, соблекувалните и службените простории не постои кров, така е плански направена со равен кров и неколку кровни прозори. Атмосферската вода на кровот се собира и протекува низ цевки кои се поставени и поминуваат низ соблекувалните и ходниците, кровните прозори се рџосани и застарени и не дихтуваат повеќе. Пластичните цевки исто така се застарени, веројатно и затнати и исто така водата капи и тоа е главната причина за влагата во соблекувалните, ходниците и службените простории. (Мислам дека нов кров на една вода би го решил овој проблем а покасно останатото уредување од естетски карактер).

Следен проблем е осветлувањето во салата, тоа е старо осветлување и по некој рефлектор не ни работи, ампулите за менување се многу скапи, а и потрошувачката е многу поголема од некои нови посовремени рефлектори.

Исто така сметам дека еден од најголемите проблеми е подот во салата, подот е стар 40 години, на секоја спојка е разделен и испукан, тој е од гума и е поставен на плута, која е веројатно од старост изеена на 10-тина места и тука се појавуваат џумки и дупки. На крај на краиштата ние во сениорската кошарка повеќе не можеме ни да настапуваме на друга подлога освен паркет.

Вратата на главниот влез и на двата големи влезови на исток и запад се железни и многу стари, обично се врзани со синџири и катинари и во случај на итна евакуација незнам кој и како би ги отворил.

Не постои службен влез за просторија во вид на претсобје, излез на запад е кон отпадот кој е заграден со плетена жица и зараснат во трње.

Мислам дека Спортскиот Сојуз нема финансии, луѓе, ресурси и можности самостојно да ја стопанисува салата, а со избегнување на овие проблеми се дојде и до оваа состојба, заврши на крај тренерот Владимир Ѓоровиќ.Контактиравме со Јован Трпеновски од ЖРК Стружанка каде тренираат во оваа сала, и е и член на Спортскиот Сојуз Струга, вели дека неколку години претседателот на Спортскиот Сојуз Струга нема свикано состанок, актуелниот претседател Ѓоко Чуркоски е делумно крив што лошо ја има изменаџирано работава е една од причините зошто дојде до оваа ситуација Спортскиот Сојуз, ЖРК Стружанка е единствен клуб што на никого не му должи, последната уплата во Спортски Сојуз ја имаме направено до пред почеток на новата 2025 година. Салата ја користат седум спортски субјекти а најмногу ја користи школото „Нико Нестор“.

Јован Трпеновски се осврна и на самиот почеток како и со чива помош настанала спортската сала „Нико Нестор“, во изградбата учествувала Општина Струга, фабриката „Стружанка“, многу струшки фирми, стружани како Лазо Буши, Пилана Агрон, Кочо од водовод, Гоце Струшка Трговија и сите знаат дека ниту општината е сопственик, ниту школото „Нико Нестор“, ниту РК Струга, ниту Стружанка, со одлука била дадена согласност салата да ја стопанисува Спорткиот Сојуз односно во тоа време СОФКА. Порано, за потребите на РК Струга беше направена спортската сала, а Стружанка финансираше за изградба на трибините во салата и воопшто за се што било потребно (соблекувални, туш кабини…).

Во салата има четири броила за електрична струја за секого посебно и досега нашето броило е во целост без заостанат долг и никогаш не била исклучена за разлика од другите каде што неколку пати била исклучувана.

Ние клубовите а најмногу школото, доведоа спортскиот сојуз да заглави и да дојде до оваа состојба, дел од клубовите плаќаат а дел не. Бидејќи не функционира спортскиот сојуз, ние сами си најдовме човек и го плаќаме за да се грижи за хигиена на салата, а другите дали му плаќаат или не тоа незнам, за да функционира салата мора да има финансиски средства, значи некој плаќа за салата а некој не, салата е забарикадирана од сите страни и недај боже нешто да се случи, противпожарен камион или болничка кола нема од каде да влезе бидејќи сите приоди се затворени.

Јас сум спортски човек, го сакам спортот, сакам дечињата да доаѓаат во салата и да играат, да вежбаат, мислам дека решение за оваа ситуација, бидејќи салата нема сопственик истата да ја земе министертво за спорт и да ја реновира како што го направија тоа со затворениот базен во Струга, изјави за strugaonline Јован Трпеновски од ЖРК Стружанка и член на Спортски Сојуз на Струга.

По скорешните случувања се огласи и Сојузот на спортски федерации на Република Македонија кое го пренесуваме во целост:

-Спортистите и спортските работници од Струга, оние вистинските, многу добро знаат кој е одговорен за состојбата во која се наоѓа спортската сала „Нико Нестор“.
Обидот, виновниците, оние кои 7 години имаа и механизми и финансиски средства да ја реновираат оваа спортска сала која е од исклучителна важност за Струга, да глумат жртви е провиден и веќе не поминува кај стружани.
Уште еднаш, како Сојуз на спортски федерации, каде што природно треба да припаѓа и Општинскиот спортски сојуз Струга, а не е заради лошо менаџирање, апелираме, да се свика собрание и досегашниот Претседател да ја поднесе својата оставка со што ОСС Струга би се вратил во нормално функционирање, а со тоа и повторно во членство во ССФМ, како би можеле заедно со Министерството за Спорт да продолжиме со проектот за реновирање на спортската сала „Нико Нестор“.
StrugaOnline

Facebook Коментари