Заврши програмата за Денот на Европа 2026: Струга испрати порака за заедништво и соработка
Со низа културни, спортски и еколошки активности, во Струга официјално беше затворена програмата за одбележување на Денот на Европа 2026, која во текот на мај и јуни се реализираше во повеќе градови низ Македонија под мотото „Наша Европа. Посилни заедно“.
Завршниот настан донесе силна порака за заедништво, регионална соработка и одржлив развој, а во центарот на вниманието беше прекуграничната велосипедска тура на релација Струга – Поградец – Охрид – Струга. Преку оваа активност беа промовирани одржливата мобилност, здравите животни навики и поврзувањето меѓу заедниците од двете страни на границата.
Настаните беа организирани од Erope House Struga во соработка со Општина Струга и со поддршка на организации од граѓанското општество, обединувајќи голем број граѓани, млади и љубители на спортот и природата.
Во своето обраќање, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, нагласи дека Струга претставува пример за европските вредности кои се живеат секојдневно.
„Струга е жив доказ дека европските вредности не се само теорија. Ова е град каде што различните култури, јазици и традиции не нè разделуваат, туку нè прават посилни. Град во кој соживотот е начин на живот, а не само слоган“, истакна градоначалникот Ќура.
Од Општина Струга порачаа дека и во иднина ќе продолжат активно да работат на промовирање на европските вредности, зајакнување на регионалната соработка и создавање на отворена, инклузивна и модерна заедница ориентирана кон иднината.
Со успешното затворање на програмата за Денот на Европа 2026, Струга уште еднаш ја потврди својата улога како град на соживотот, соработката и европскиот дух, испраќајќи порака дека заедништвото е клучот за посилна и поуспешна иднина.
StrugaOnline

