Жителите на Струга и околните села три дена се гушат од густ чад

- Локални
3010

Струга и околните cела три дена се обвиени во густ чад кој доаѓа од депонијата сместена во непосредна близина на градот. Густиот чад го менува правецот во зависност од правецот на ветерот, а најмногу се забележува на самиот влез во Струга како и во околните села Мороишта, Враништа, Ложани и Белица. Реакциите на жителите на Струга и околните места на социјалните мрежи не стивнуваат. Дел бараат надлежните веднаш да преземат мерки, а другите ги посочуваат сите здравствени проблеми кои можат да настанат поради дишење на загаден воздух.

„Драги сограѓани.
Нареден пат кога ќе слушнете дека некое младо дете се заболило од рак да не се чудите од каде бидејќи сликиве даваат прилично логично објаснување и претстава за тоа каков воздух дишеме. Струга последниве неколку дена се дави во нечист воздух, а имам претчуство дека слична ќе биде ситуацијата и во текот на летниот период. Со овој јавно објавен пост барам од Вас подршка во поведување на иницијатива за решавање или превенирање на овој проблем кој не тангира сите нас. Поради тоа во Вторник најавувам дека ќе поднесам соодветни иницијативи и пријави до надлежни локални и републички институции и органи. Имено, ќе биде поднесена пријава/иницијатива за свикување седница на Советот на Општина Струга каде во координација со МВР, Пожарна Струга и невладиниот сектор на Општина Струга ќе се излезе со мерки и чекори за превенција. На републичко ниво ќе бидат поднесени пријави/иницијативи за запознавање со ваквиот проблем во Струга и апел што побрзо (формирање на временска рамка) да се реализира долго најавуваниот проект за регионална депонија за општините во Југозападна Македонија. Сите ваши предлози и иницијативи се добредојдени.“ – напиша на својот фејсбук профил Глигор Ќатоски, адвокат од Струга.

Поради продолжениот викенд Strugaonline не беше во можност да консултира стручни лица за овој проблем. Во вторник одговорите ќе ги побараме од надлежните институции како и мислење од екологисти.

Извор: Strugaonline

Фото: Глигор Ќатоски

Facebook Коментари