21 година од масакрот кај Карпалак
Делегација предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Mинистерството за одбрана Драган Николиќ, во 09:00 часот положија цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак.
Во 13:00 часот, заедничка делегација од Министерството за одбрана и Армијата ќе положи венец пред комплексот „Карпалак” во центарот на Прилеп.
Пред спомен-обележјето во прилепската касарна „Мирче Ацев“ вчеравечер делегации положија свежи цвеќиња и се поклонија пред споменот на 10-те загинати прилепски резервисти.

На 8-ми август 2001 година во заседа поставена од албанските терористи кај месноста Карпалак на автопатот Скопје-Тетово загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата на Република Македонија.
Масакрот кај Карпалак е најброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 09:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.
StrugaOnline

