На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2022 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс пристигнаа 34 романи. Жири-комисијата, во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) заклучи дека и годинава конкуренцијата изобилува со квалитетни романи.
Жири-комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март. Наградата „Роман на годината“, која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, ќе биде доделена по 24-ти пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Facebook Коментари