Во Република Македонија денес се одбележува 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 77 години од објавувањето на македонската азбука.
По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ на своето Прво заседание на 2 август 1944 година донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од страна на тогашната Народна влада на Федерална Македонија, остварена е кодификација на современиот македонски литературен јазик. Седумдесетипетгодишната практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците и за зачувување на традицијата од нашите предци.
Владата го прогласи овој ден за Ден на македонскиот јазик на 130. седница одржана на 16 април 2019 година. Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик. Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.
Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш. Идејата е 5 мај да биде ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно – од најниските степени на образование до највисоките – со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.
На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.
Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.
Facebook Коментари