Лев банер Десен банер

Државата воведува построги правила за електричните тротинети

По серијата сообраќајни незгоди во кои беа повредени, а во некои случаи и загинаа возачи на електрични тротинети, меѓу кои и малолетници, државата подготвува построга регулација за нивно користење.

Со предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се предвидува минималната возраст за управување електричен тротинет да биде 18 години, додека максималната дозволена брзина ќе биде ограничена на 20 километри на час.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека мерките се воведуваат со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на несреќи во кои учествуваат млади лица.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во повеќе од половина од сообраќајните незгоди со електрични тротинети учесници биле лица на возраст од 16 и 17 години.

Статистиката покажува дека во периодот од почетокот на 2024 година до мај 2026 година во сообраќајни незгоди учествувале вкупно 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли. Притоа, животот го загубиле 46 лица, 585 биле тешко повредени, а 1.347 се здобиле со полесни телесни повреди.

Од предлагачите појаснуваат дека овие бројки се однесуваат на сите три категории возила заедно и не прецизираат колкав дел од жртвите и повредените биле корисници на електрични тротинети.

Покрај новите ограничувања, законските измени предвидуваат и построга казнена политика. Во одредени случаи, покрај парична казна, ќе биде можно и привремено одземање на возилото во период од 30 дена.

Мерката ќе се применува при управување тротинет од малолетно лице, надминување на дозволената брзина, превезување друго лице на возилото, како и при управување под дејство на алкохол.

Предлог-законските измени веќе се на дневен ред во Собранието и се очекува да бидат разгледани по скратена постапка.

StrugaOnline

error: